Реакциите во врска со можното згаснување на Лигата на шампионите, каква што ја знаеме, не престануваат да пристигнуваат.
Така, меѓу другите, зборувале и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон и претседателот на Франција, Емануел Макрон.
„Плановите во врска со Суперлигата би биле штетни за фудбалот и навивачите. Тоа би го погодило јадрото на домашната лига, а тоа се однесува и на навивачите ширум земјата. Вклучените клубови мора да се договорат со навивачите и пошироката заедница пред да се преземат понатамошни чекори“, напишал Џонсон на Твитер.
Макрон најавува спречување на формирањето на Суперлигата.
„Ќе ги разгледаме сите достапни мерки, судски и спортски, со цел да спречиме тоа да се случи“, рекол Макрон.
Здружението на професионални фудбалери исто така укажа на загриженоста.
Во меѓувреме стигна и официјалното соопштение за формириање на оваа лига. Претседател ќе биде Флорентино Перез од Реал Мадрид, потпретседатели се Андреа Ањели од Јувентус и Џоел Глејзер од Манчестер јунајтед.
„12 од европските водечки клубови денеска заедно соопштуват дека се сложија да настапуваат во едно ново натпреварување кое ќе се игра во средина од неделите, Супер Лигата. Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид, Челси, Барселона, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и Тотнем се клубовите основачи“, стои во соопштението.
Во соопштението тие пишуваат дека дошло време за нова ера во фудбалот и дека тоа го прават за фановите од кои имаат поддршка. Но јасно е дека не е така, ги интересираат само парите кои ќе ги добијат.