Изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Бледскиот стратешки форум се потврда дека нема никакви гаранции дека земјата ќе продолжи на патот кон ЕУ, изјави денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање дали може нешто да се смени во ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени по изјавите за проширување на ЕУ во 2030 година.
– Од една страна ја имаме оваа изјава, а од друга страна имаме изјава од Макрон кој вели дека ЕУ прво треба да се реформира па потоа да прима нови членки. Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема апсолутно никакви гаранции дека дури и да се направат овие отстапки Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешката на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања кои сега не може да ги исполни, изјави Митева.
Во однос на повикот од СДСМ заедно да донесат одлука за промена на Уставот со цел побро движење напред кон ЕУ, Митева посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, останува непроменет.
– Од една страна можевме да слушнеме вакви изјави за проширување до определен датум, но од друга страна, исто така, од високи претставници на меѓународната заедница можевме да слушнеме изјави во кои што се вели дека прво треба ЕУ да се реформира, па потоа да размислува за проширување. И тоа е суштината, која што ВМРО-ДПМНЕ континуирано ја збори. Власта влезе во процес за којшто не може да обезбеди мнозинство во Собранието, не ја консултираше опозицијата и по однос на тоа, ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, останува непроменет, изјави Митева.