
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави денеска дека на самитот на Европската унија во Брисел, постои волја за компромис во врска со договорот за фондот за закрепнување од економските последици од пандемијата КОВИД-19, но тој истакна дека компромисот не треба да наштети на амбициите на Унијата.
„Волјата за постигнување компромис не треба да не одвлекува од легитимните амбиции што треба да ги имаме“, рече Макрон по пристигнувањето на третиот ден од самитот, на кој досега не е постигнат договор за фондот.
Макрон додаде дека, со оглед на невообичаената здравствена, економска и социјална криза предизвикана од пандемијата, потребно е единство на сите земји членки на ЕУ, пренесува Ројтерс.