Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Пекинг се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и му кажа дека „знае дека може да смета на него да ја вразуми Русија“, пренесува „Гардијан“.
Макрон, кој вчера пристигна во Кина во тридневна државна посета, се ракуваше со Си во срцето на кинеската престолнина. Си го пречека својот гостин со црвен тепих, кинески и француски знамиња и националните химни, пренесува AFP.
„Руската агресија во Украина ѝ нанесе удар на стабилноста. Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на страната на разумот и сите страни на преговарачката маса“, му кажа Макрон на Си.
„Кина може да игра значајна улога“
За време на посетата на Пекинг, францускиот претседател рече дека Кина може да „игра значајна улога“ на патот кон мирот во Украина и ја поздрави „волноста и посветеноста на Кина за решавање на конфликтот“.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен му се придружи на Макрон во Пекинг.
Макрон рече дека „сака да биде гласот кој ја обединува Европа“ по прашањето за Украина, а неговото патување во Кина со шефицата на ЕК „дополнително ја нагласува доследноста на таквиот пристап“.