Макрон не доаѓа во С. Македонија, ќе продолжиме да ве придружуваме на патот кон ЕУ, велат од Француската амбасада за „Локално“

од Nikola Popovski
283 прегледи

Нема најава за посета на Претседателот на Република Франција на Северна Македонија. Се разбира, медиумите ќе бидат навремено известени доколку има таква најава, велат од Француската амбасада за „Локално“ откако пред неколку дена беше истакнато дека францускиот претседател Емануел Макрон пројавил интерес во помагање за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство во Собранието за евентуалното отворање на македонскиот Устав.

Во однос на ставот на амбасадата и земјата Франција за уставните измени во земјава, од таму ги потенцираат истите изјави што ги даде Лоранс Бун, француската државна секретарка за Европа која пред речиси месец дена беше во посета на Скопје.

Бун тогаш директно не ги спомена уставните измени, но јасно навести какви се очекувањата.

-Франција придонесе за деблокирање на состојбата, да и помогнеме на Северна Македонија да има европска перспектива. Ќе продолжиме да ја придружуваме во овој амбициозен проект со крајната цел до 2030 година. Праведно е ако се каже дека навистина направивте многу за пренесување на европското законодавство во домашното. Северна Македонија има свое место во Европската Унија, ќе ве поддржиме во наредниот период за да го добиете заслуженото место. Договорот постигнат за време на француското претседателство го отвори патот за членство во ЕУ, изјави Бун.

Денеска во изјава за „Локално“ се огласија и од Германската амбасада. Од таму не информираа дека германскиот канцелар Олаф Шолц нема да дојде во земјава на директни средби со македонските политичари, но порачуваат дека треба да се спроведат уставните измени.

Од таму додаваат дека овој чекор е од интерес на целокупната јавност.

-Разбираме дека е болно што повторно треба да се измени уставот, но овој чекор е во интерес на граѓаните на земјата, бидејќи реформскиот процес на патот кон ЕУ не е цел за себе: реформите ќе го подобрат животот на луѓето, успешен реформски процес значи подобра правна држава, потиснување на корупцијата, поголема транспарентност во јавната администрација вклучително и при доделувањето на позициите, почиста животна средина благодарение на сукцесивно воведување на европските норми итн, истакнуваат од Амбасадата.

-За мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме и ќе се паркираме на истото место. Се разбира дека ќе дојдат меѓународните партнери во Собранието да помогнат. Има интерес од германскиот канцелар и од фрацускиот претседател да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред неколку дена во гостување на дебатна емисија.

Н.П.

Слични содржини