Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата изјави дека верува оти има шанса за мир во Украина, дури и откако Русија предупреди дека конфликтот може да ескалира.
„Постои можност за мир, тој ќе се појави во одреден момент“, рече Макрон на конференцијата во Рим, чија цел е да се бараат начини за промовирање на мирот во светот. „И во одреден момент, со оглед на тоа како се развиваат работите, и кога украинскиот народ и нивните лидери ќе одлучат за условите, може да се постигне мировен договор со другата страна“, додаде Макрон.
Франција постојано нагласува дека е важно западните дипломатски канали кон Москва да останат отворени откако руските сили ја почнаа инвазијата на Украина на 24 февруари.
Русија во неделата истрела проектили и беспилотни летала врз украинскиот град Миколаев, а Москва соопшти дека конфликтот се приближува до „неконтролирана ескалација“.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во неделата разговараше за ситуацијата во Украина во одвоени телефонски разговори со своите француски и американски колеги Себастиен Лекорну и Лојд Остин и со министрите за одбрана на Велика Британија и Турција.
Шојгу, без да обезбеди докази, рече дека Украина може да ескалира со „валкана бомба“ – конвенционален експлозив околу кој се поставува радиоактивен материјал.
Украина не поседува нуклеарно оружје, а Русија рече дека може да ја заштити руската територија со својот нуклеарен арсенал.