Макрон повторно ја поддржа Украина за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ

од Nikola Popovski

Францускиот претседател Емануел Макрон ја повтори поддршката на Франција за отворање на преговорите за пристап на Украина во Европската унија, кои во моментов се блокирани од Унгарија.

Макрон, за време на телефонскиот разговор со неговиот украински колега Володимир Зеленски, го поздравил усвојувањето во украинскиот парламент на 8 и 9 декември на „неколку текстови на закони, кои конкретно се однесуваат на правата на националните малцинства, судските реформи и борбата против корупцијата“, соопштиле од Елисејската палата.

– Украина со тоа ја покажува својата решеност веднаш да одговори на препораките што и’ ги даде Европската комисија, додаваат од француското претседателство.

Во четврток и петок шефовите на држави и влади на ЕУ треба да донесат одлука за почеток на преговорите за пристапување на Украина.

Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан останува непоколеблив во своето противење на отворањето на овој процес.

– Украина е позната како една од најкорумпираните земји во светот. Не можеме да донесеме одлука за почеток на процесот на пристапни преговори, рече тој по средбата со Макрон минатиот четврток во Париз.

Францускиот претседател, исто така, „ја повтори непоколебливата поддршка на Франција за Украина во лицето на војната што ја води Русија“, се додава во соопштението од Елисејската палата.

Зеленски на платформата Х посочи дека го информирал својот француски колега за воените случувања на линијата на фронтот.

– Разговаравме за нашите приоритетни потреби и за следниот пакет француска воена помош што значително ќе ја зајакне украинската огнена моќ, напишал Зеленски.

Слични содржини