
Проевропскиот француски претседател Емануел Макрон и лидерот на евроскептичното, десничарско движење во Италија, Матео Салвини сега се во трка за улогата на главен политички фактор на континентот, откако изборите за Европскиот парламент ги поткопаа позициите на традиционалниот политички центар.
Четиридневните избори во сите 28 земји членки на Европската унија (ЕУ), кои завршија во неделата, ставија крај на доминацијата на основните десноцентристички и левоцентристичкати партии во ЕП и создадоа антиевропски сили десно и лево (Зелените), со кои тие треба да се усогласат.
Одѕивот беше највисок во последниве 20 години, а гласачите ги отфрлија традиционалните политички сили во Франција, Германија, Велика Британија и Италија.
Резултатите можат да ја направат задачата за управување на Европа уште посложена, поставувајќи го ЕП во ќор-сокак по клучни прашања чие решавање претстои, вклучувајќи имиграцијата, важниот трговски договор со САД, глобалното затоплување, регулациите на хај-тек индустриите и, се разбира, „Брегзит“.
Исходот од европските избори веќе предизвика борба за власт.
Во Франција партијата на претседателот Емануел Макрон загуби со мала разлика од крајната десница, предводена од Марин Ле Пен. Макрон чија формација обезбеди 21 места во однос на 22 за „Националниот собир“ на Ле Пен, го помина денот по изборите во френетично пребарување на сојузници во пресрет на вчерашната средба на врвот на ЕУ во Брисел, откако се надева да состави отпорна проевропска коалиција.
Во Италија десничарската партија „Лига“ на Матео Салвини доби една третина од гласовите и претстои да стане една од најголемите партии во ЕП со 28 места во 751-члениот законодавен дом. Сепак, амбициите на Салвини се простираат уште подалеку.
До пладне тој веќе разговараше со Ле Пен, унгарскиот тврдокорен анти-имигрантски премиер Виктор Орбан и лидерот на Партијата на „Брегзит“ Најџел Фараж и вети своерачно да создаде нешто, што чисто терминолошки, звучи како контрадикција – меѓународна група на националистите.
„Сакаме да сме група со најмалку 100 членови и имаме амбиции да сме речиси 150. Да создадеме алтернатива, каде што секој ќе има право на збор. Тоа нема да се случи, ако сите си го кренат носот“, рече Салвини.
Десноцентристичката Европска народна партија (ЕНП) и левоцентристичката прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (ПАСД) е доминантна во ЕП со општо мнозинство од првите директни избори во 1979 година. Според делумните резултати ЕНП е на пат да обезбеди 180 места, во споредба со 217 пред пет години. Социјалистите се очекува да добијат 145 – помалку од 187 места на претходните европски избори.
Понедени од она што го нарекуваат европски „зелен бран“, партиите на Зелените, кои сакаат акција против климатските промени, постигнаа значајни успеси, особено во Германија. Друга политичка формација од меинстримот – Алијанса на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ), поддржана од Макрон – го зголеми своето присуство во ЕП до 109 места при 68 во 2014 година.
За да може ЕП да избере претседател на Европската комисија и претежно да усвојува закони, треба да се исковаат нови неудобни сојузи, а скоро сите од нив ќе бара некоја комбинација меѓу АЛДЕ и Зелените.
Откако добро го разбира екстремнодесничарскиот потенцијал, кој може да биде активиран против него, Макрон одржи серија на брзи средби во пресрет на самитот на ЕУ вчеравечер, кога претседателите и премиерите на земјите членки ќе направат биланс на изборните резултати.
Тој почнал од Шпанија и планирал разговори со лидерите на Белгија, Чешка, Германија, Унгарија, Полска и Словачка.
„Идното мнозинство во ЕП поминува преку нас, без сомнение. Без нас не може да се состави такво“, изјави за радио „Франс Ентер“ Паскал Канфен, еден од водечките кандидати од партијата на Макрон.
Во Германија, каде десноцентристичка Демохристијанската унија на канцеларот Ангела Меркел исто загуби поддршка, лидерите на владејачките партии во земјата се состанаа за да направат проценка на последиците од нивното најлошо претставување на национално ниво избори по Втората светска војна.
„Се соочуваме пред центар, кој се топи“, рече кандидатот на ЕНП за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер и додаде: „Отсега оние кои сакаат да има силен ЕУ, треба да ги здружат силите“.
Високи претставници на ЕНП имаат високи функции во трите главни институции на ЕУ. Тоа се претседателот на ЕП, претседателот на влијателната ЕК и претседателот на Европскиот совет, кој претседава со средбите на врвот.
Нешто повеќе од 50 отсто од повеќе од 400 милиони гласачи во ЕУ ги имаат остварено своите права за гласање.
Иако вистинската моќ во Европа останува во рацете на 28-те земји-членки, влијанието на ЕП е во пораст. Тој помогна да се подобри безбедноста на летовите во Европа, воведе ограничувања на употребата на пластична амбалажа, ги укина таксите за роаминг во блокот, ја зајакна заштитата на личните податоци и ја ограничи емисијата на јаглерод диоксид од автомобилите.
Стив Банон, кој помогна на Доналд Трамп да влезе со популистичка кампања во Белата куќа, беше во понеделникот во Париз, за да ги прослави изборните победи на партиите на своите истомисленици во Европа и да се подготват за претстојната битка.
„Го гледате овој тренд и дефинитивно е тоа: националисти против глобалисти“, рече тој.
Банон предвиде дека екстремната десница ќе преовладува, со блокирање на работата на ЕП.
„Секој ден ќе биде како Сталинград“, увери тој.