Мал новогодишен саем на книга од денеска до 28 декември во МКЦ

од Aleksandar Petrovski
209 прегледи

Од денеска до 28 декември во горното фоаје во Младинскиот културен центар ќе се одржува 10. Мал новогодишен саем на книга во организација на издавачката куќа „Темплум“.

Најнови и најпопуларни изданија на саемот ќе претстават издавачките куќи: „Темплум“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Готен“, „Чудна шума“, „Блесок“, „Артконект“ и „Бункер“.

– За љубителите на квалитетната книжевност, подготвен е широк избор – од домашни до светски автори; од белетристика до стрипови; од детска книжевност до теорија.  Саемските денови ќе бидат исполнети со богата придружна програма. Ќе бидат одржани дванаесет промоции на книги, три проекции на филмови и ликовна изложба, соопшти организаторот.

Саемот ќе биде отворен вечер од 19 часот со изложба „Фантомима“ и промоција на книгите „Куќа на Марс“ и „Ботичелиев каталог“ од Будимка Поповска-Буде. Последниот ден од саемот, 28 декември, ќе биде посветен на литературата за деца и ќе биде одржана креативна работилница за деца.

Во рамки на саемот ќе биде доделена и наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ на издавачката куќа „Темплум“.