Бебето родено под урнатините на нејзиниот дом во Сирија, кој се урна по минатонеделниот земјотрес, е преместено на „безбедна локација“ од здравствените власти.
Здравствениот орган на Африн презеде мерки на претпазливост за да го заштити бебето Аја од можно киднапирање и измама за посвојување, изјави извор за Би-Би-Си.
Во понеделникот имаше насилен инцидент во болницата во регионот под контрола на опозицијата каде што таа беше на лекување. Медицинска сестра, придружувана од двајца вооружени мажи, наводно го претепала управникот на болницата, јавува Би-Би-Си.
Шефот на здравствената управа, д-р Ахмад Хаџ Хасан, ги негираше тврдењата на социјалните мрежи дека станува збор за осуетен обид за киднапирање на Аја.
„Тврдењата за киднапирање беа недоразбирање. Ова беше целосно внатрешно болничко прашање и немаше никаква врска со бебето“, изјави тој за Би-Би-Си.
Илјадници луѓе се понудија да го посвојат бебето минатата недела, откако нејзината приказна беше широко објавена во локалните и меѓународните медиуми.
Сепак, Управата за здравство е решена да ѝ даде приоритет на нејзината благосостојба и да продолжи со претпазливост во процесот на посвојување, вели изворот.
Мајката на Аја се породила набргу откако нивната семејна куќа во градот Џиндарис била уништена од земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што ги погоди јужните делови на Турција и Сирија на 6 февруари.
Таа починала откако ја родила Аја, која сè уште била поврзана со папочната врвца кога спасувачите ја пронашле.
Во несреќата загинаа и таткото на Аја и четирите браќа и сестри.