Српската полиција синоќа добила нова трага во потрагата по исчезнатата Данка Илиќ (2) од Бор. Како што објавија српските медиуми, девојчето наводно било видено во Виена во придружба на две романски државјанки.
Српското МВР доцна синоќа стапило во контакт со австриските колеги и им ги испратиле на Европол сите податоци, како и видеото кое кружи по социјалните мрежи, а кое го објави српски „Курир“.
-Интензивно се работи на идентификување и лоцирање на девојчето, потенцираат од српските медиуми.
Оваа информација е добиена на 6-от ден од потрагата по Данка, за која од вторникот не се знае ништо. Двегодишното девојче исчезна од дворот на куќа во Бањско Поље во Бор.
Нејзините родители во неколку наврати беа во полициска станица и даваа изјави. Исто така и мобилните телефони им беа привремено одземени поради вештачење.