Техничкиот директор на италијанскиот шампион Милан, Паоло Малдини изјави дека клубот нема да го продаде португалскиот напаѓач Рафаел Леао.
За 22-годишниот фудбалер има сериозен интерес од Реал Мадрид, Манчестер Сити и Пари Сен Жермен.
„Леао е груб дијамант кој секоја година станува се подобар. Не е на продажба. Го купивме од Лил за 24 милиони евра и веднаш му дадовме откупна клаузула од 150 милиони евра бидејќи верувавме во него“, изјави легендата на „росонерите“ пред „Газета дело спорт“.
„Леао е исклучително паметен, но му треба и помош во неговиот развој. Многупати сум разговарал со него. Очигледно е дека во иднина ако неговото ниво не одговара на Милан или на тимот не одговара нивото на напаѓачот, работите може да се променат, но во моментов играчот и тимот растат заедно“, изјави Паоло Малдини.
Минатата сезона Рафаел Леао одигра 42 натпревари за Милан, постигнувајќи 14 гола и 12 асистенции. Неговиот договор со „росонерите“ е до 30 јуни 2024 година.