Малерозна втора трка за Вуков на Гранд при викендот во Имола

од Stefanija Kuzmanovska
301 прегледи

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков имаше малерозна втора трка на гранд при викендот во Имола, која беше дел од Порше Карера Куп Италија.

Откако заблеска во првата трка и со бравурозно возење успеа да го подобри својот пласман од 16. на 8. место, на втората трка влезе со голем оптимизам и со употребен „џокер“ во вид на нови пвнематици, што требаше да биде основа за уште подобар резултат. Првите десетина минути покажаа дека тој успешно одолеваше на нападите на конкуренцијата, но за жал неговиот автомобил немаше доволно брзина за да напредува во борба за првите позиции.

Токму во моментите кога тој беше под силен притисок од Енрико Фулгенци и Џорџо Амати (второпласираниот и првопласираниот од претходниот ден), дојде до сплет на настани, кои го уништија спортскиот карактер на целата манифестација. Фулгенци и Амати го минаа Рико, обајцата потчукнувајќи се од него без притоа да демонстрираат фер-плеј, на момент заглави и менувачот во неговиот автомобил а во истекот на истата минута се случи страотен судар во борба за прво место меѓу Леворато и Јакинта. Од тој момент натаму се возеше зад возилото за безбедност, потоа трката беше прекината, а откако беше продолжена по едночасовна пауза, повторно се случи инцидент, по што на возачите им остана само да го извозат последниот круг, со што предвиденото време за трката истече.

– Иако поминаа 24 часа од трката, се уште не можам да ги средам мислите и чувствата по сето она што се случи во Имола. И во двата дена беше видливо дека на патеката нема доволно простор за пристигнување, но повеќе возачи демонстрираа агресивност и неспортско однесување, што не соодетствува на кодексот на натпреварувањето. Премногу опасни мадеври беа направени, при што се случија и многу судири, но стјуардите поделија премалку казни, а дури онаа што му ја дадоа на Фулгенци во саботата – потоа и ја повлекоа поради неговиот контра протест. Епилогот од големиот судир ни ја уништи трката на сите и колку што можев да забележам во боксот, сите беа загрижени за тоа до кој степен е дојдено ривалството меѓу некои возачи, како и дека овој пример треба сите да ги потсети колку се опасни трките и едноставно да ни даде можност да се „ресетираме“ и да не дозволиме ваквиот начин на возење да стане обележје на овој шампионат.

Осврнувајќи се на својот пласман како и на како и на активностит екои ќе уследат во иднина Вуков потврди дека неговите амбиции се да се најде на подиумот.

– Никој не може да биде задоволен кога ќе стартува од 8. место, а ќе заврши на 13. место. Свесен сум дека јас имам многу за учење, но во овој шампионат настапуваат и возачи кои се помлади од мене и коишто се исто така гладни за успех, конкретно Амати кој победи во саботата е три години помлад од мене и неговиот пример покажува дека со добар тим и многу тренинзи возможна е победа меѓу 32 идентични автомобили. Следната трка се надевам дека нема да биде повлијаена од вакви настани, коишто ни ја уништија возбудата овој викенд, а јас ќе се подготвам максимално со нов тест на патеката Валелунга на 8. септември, а десетина дена подоцна ќе биде и четвртиот гран при викенд од оваа сезона. Влегуваме во втората половина од сезоната и мораме да ги корегираме нештата кои ни правеа проблеми на првите три трки, а пред се, тие се однесуваат на квалификациите и на сетирањето на автомобилот да даде максимум перформанси во текот на еден квалификациски круг. Со добра стартна позиција, верувам дека освојувањето на подиум е возможна мисија. Тоа е она што ме мотивира да продолжам да работам и да тренирам во текот на летната пауза.

Патеката Валелунга ќе биде домаќин на четвртата трка во викендот на 17 и 18 септември, додека последните две трки се возат на Франчакорта и Монца, во првиот и последниот викенд од октомври.

Слични содржини