На 18 ноември во меѓународното училиште MEF во Истанбул, Турција, се одржа промоција на меѓународната збирка приказни насловена Awake not Sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation, во која е застапена и македонската авторка Калина Малеска, која воедно е и една од уредничките на збирката. Расказите во збирката се објавени на англиски јазик.
Нејзиното објавување е резултат на иницијативата на Регионалната канцеларија на UN Women (Europe and Central Asia) во Истанбул, која почна во септември 2020 година и опфаќаше низа работилници и покана за пишување раскази кои би преобмислиле постоечки бајки и сказни или би биле авторски приказни со елементи на бајки, на кои учествуваа повеќе од педесет авторки и автори, како и селекција, уредување, илустрирање на расказите и креирање веб-страница за бесплатна достапност на збирката.
Промоцијата беше пренесувана и онлајн, а се состоеше од повеќе делови: излагање од директорката на Регионалната канцеларија на UN Women (ECA), Алиа Ел-Јасир, читање на неколку од приказните од страна на истакнати личности од јавниот живот во Турција, разговор со ученици од училиштето MEF, видео-претстава од страна на македонскиот театар за деца „Сенки и облаци“ на расказот „Детето без златна коса“ на Малеска, панел-дискусија со учесници во проектот и други елементи.
Збирката Awake not Sleeping: Reimagining fairy tales for a new generation се состои од 28 приказни од 25 земји од Европа и Централна Азија. Збриката е достапна на: https://interactive.unwomen.org/eca/fairytales/en/index.html. Илустрациите се на Наташа Коњевиќ. Покрај Малеска, уреднички на збирката се: Анџела Хантер Волш, Дона Џо Наполи и Надиа Алберт/ Инаку, македонската авторка Калина Малеска е застапена со расказите: „Детето без златна коса“ и „Собата со формули на ѕидот“, кои на македонски јазик се објавени и во нејзината збирка Скопје во високата зона (Или-Или, 2021). Збриката е дел од Generation Equality Campaign, а една од идеите е да поттикне размислување и промени во начинот на кој општествата ја перцепираат улогата на жените и девојчињата.