„Мали и прецизни рации“: Американски официјални лица потврдија дека израелската војска спроведува операции на либанско тло

од Nikola Popovski
34 прегледи

Американските власти потврдија дека израелските сили во понеделникот наутро извршиле специјални операции на територијата на Либан, во близина на израелско-либанската граница, пренесува Си-Ен-Ен.

Еден функционер ги опиша операциите за Си-Ен-Ен како „многу прецизни, многу насочени и мали рации“ – тип на операција „влез, излез“, со специфична цел да се неутрализираат способностите на Хезболах.

Американските власти во моментов не ги опишуваат израелските напади како копнена инвазија, иако внимателно се подготвуваат за можноста за ограничена копнена операција што би можела да следи во наредните денови.

Претходно денеска беше објавено дека израелските сили натрупале тенкови во близина на границата со Либан.

Блинкен: Насрала беше брутален терорист

Во посебна изјава, државниот секретар Ентони Блинкен го осуди убиениот лидер на Хезболах Хасан Насрала како „брутален терорист“, истовремено повикувајќи се на дипломатија, и покрај континуираното одбивање на израелската влада да ги прифати американските апели за дипломатско решение на ситуацијата во Либан или Газа.

„Либан, регионот и светот се побезбедни без Насрала“, рече Блинкен на состанокот на Глобалната коалиција за поразување на ИСИС.

Блинкен ја повтори потребата од прекин на огнот на Сината линија и во Газа, наведувајќи дека „дипломатијата останува најдобар и единствен пат за постигнување поголема стабилност на Блискиот Исток“. Тој додаде дека САД се посветени на „итно да ги унапредат тие напори“.

Иран: Израел „нема да остане неказнет за злосторствата што ги направи“

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, изјави дека Израел „нема да остане неказнет за злосторствата што ги направил“.

„Не даваме празни ветувања, на дело покажавме дека стоиме цврсто против агресорите кои имаат намера да ја поткопаат националната безбедност на Иран и тие ќе зажалат за нашиот одговор. Иран нема да остави без одговор ниту една агресивна акција на ционистичкиот режим, чија цел е иранските интереси. „Овој режим нема да остане неказнет за злосторствата што ги изврши, а Иран ќе преземе соодветни мерки како одговор“, рече Канани.

Слични содржини