Малолетник пукал и усмртил куче во с. Муртино

од Nikola Popovski
83 прегледи

Здружението за заштита на животните „Анимал Лаверс“ – Струмица објави дека малолетник усмртил куче во струмичкото село Муртино. Полицијата потврдила дека сторител на овој грозоморен чин е малолетно лице, а случајот веќе е предаден на Јавното обвинителство. Немилиот настан се случил на 27 февруари.

Здружението постави низа прашања до институциите:

-Како е можно малолетник да знае да стрела директно во срцето? Дали во ова семејство децата се учат да ракуваат со оружје? Дали општеството ќе остане слепо пред воспитување кое поттикнува насилство? Зарем не беше доволна трагедијата во соседна Србија, па сега сакаме да сведочиме на слични случаи и кај нас? ОВА НЕ СМЕЕ ДА ПОМИНЕ БЕЗ КАЗНА! Државата не смее да дозволи оружјето да се наоѓа во рацете на секого, без евиденција и контрола. Научните истражувања покажуваат: Децата кои вршат насилство врз животни или послаби соученици од најрана возраст, подоцна можат да станат насилници или сериски убијци. Што можеме да очекуваме од идните генерации ако овие злосторства останат без последици, прашаа од „Анимал лаверс- Струмица“.

Ги повикуваат сите граѓани да ја подигнат свеста и да бараат правда за Рекс, бидејќи ова не било само прашање на заштита на животните, туку и на безбедноста на целото општество. Инаку, како што веќе беше порано објавено од полицијата во кучето било пукано со воздушна пушка.