МАН тврди дека Ковачевски ширел говор на омраза и бара ОЈО да реагира

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара јавното обвинителство веднаш да преземе мерки против премиерот Димитар Ковачевски по скандалозниот одговор на прашање од новинарот на Алфа ТВ Матеја Петровски, по повеќе основи, меѓу кои прекршување на член 16 од Уставот, прекршување на член 382 од Кривичниот законик, досегашниот член 319 од кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Совет на Европа за борба против говор на омраза.

„Прашањето беше апсолутно некоректно…Ќе повторам нешто што го кажав на мојот говор на 11 Октомври во Куманово. Денес во нашата држава имаме концепт за европска Македонија, којшто го предводи Владата и СДСМ. Што ги третира сите граѓани еднакво според нивната етничка, верска и која било друга припадност. Меѓутоа, имаме појава на еден популизам, којшто во својата основа има етно-национализам и ксенофобија, што за мене е форма на модерен фашизам“, рече премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарско прашање од Матеја Петровски од Алфа ТВ.

„Со овој одговор, за Премиерот Ковачевски – новинарот Матеја Петровски е фашист, што преставува не само вербален напад со низа клевети и ширење говор на омраза (дефиниран во досегашниот член 319 од КЗ – тој којшто делото од ставот (1) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето), туку и спречување на службено лице во вршење на својата дејност (член 382 од КЗ).

Македонската асоцијација на новинари (МАН) очекува јавното обвинителство по јавно допрен глас, веќе во понеделник да поднесе обвинителен акт против премиерот Ковачевски за прекршување на член 16 од Уставот, ширење говор на омраза и спречување на службено лице во вршење на својата дејност согласно Кривичниот законик, како и прекршување на препораките на Советот на Европа.

Слободата на говор гарантирана со Уставот (прашањето на Матеја Петровски) и со недавањето на одговор (наместо одговор, премиерот Ковачевски даде низа клевети, деградирачки квалификации кон новинарот и говор на омраза) – со што го оневозможи јавното информирање. Европска регулаторна рамка за „говорот на омразата“ наведува детали во препорака бр. R (97) 20 во врска со „говор на омраза“ и особено ги повикува владите, да одредат јавните власти и јавните институции на национално, регионално и локално ниво, како и нивните службеници да имаат посебна одговорност за воздржување од изјави, особено пред медиумите, кои разумно може да се сфатат како говор на омраза, или како говор кој би можел да создаде ефект на озаконување, ширење или промовирање расна омраза, ксенофобија, антисемитизам или други форми на дискриминација или омраза базирани на нетрпеливост. Таквите изјави треба да бидат забранети и јавно отфрлени секогаш кога ќе се појават, стои во препораката.

Ова не е прв пат премиерот Ковачевски со тешки клевети да им одговара на новинарите, да шири говор на омраза и да повикува да бидат санкионирани преку своите јавни настапи. Тој од собраниска говорница побара Обвинителството и Судот да го санкционираат новинарот и уредник Драган Павловиќ Латас, неговото обезбедување му се закануваше и претходно на новинарот Матеја Петровски дека може да биде приведен зошто му поставува прашање на премиерот.

Ковачевски неодамна посочи дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на компанија која што тргува со енергенси. Ковачевски посочи и дека има медиуми чија што уредувачка политика личи на партиски сектор за комуникација. Ковачевски беше и арогантен со новинарите клеветејќи ги дека доаѓаат од телевизија што може поблиску да се информира за цената на гасот.

Ова не е првпат Ковачевски да има лош однос со медиумите. Речиси на секое јавно обраќање наместо конкретно да одговара на прашањата, им поставува контра-прашања на новинарите и прашува од кои медиуми доаѓаат на настанот.

Безброј пати новинари се спречени да известуваат од настан на кој присуствувал премиерот Ковачевски, како на пример се новинарите Љупчо Златев и Предраг Кукиќ. Безброј пати новинарите и медиумите имале забрана да присуствуваат на настани каде е и тој. Исто така, во однос на истиот настан, МАН (Македонска асоцијација на новинари) бара министерот Фатмир Битиќи да му се извини на новинарот на Алфа ТВ и потпретседател на МАН Матеја Петровски.

-Се додека прима државна плата, министерот е должен да го слуша секое новинарско прашање и доколку се однесува на него – да одговара на секое новинарско прашање. Ако не сака да слуша и одговара, министерот Битиќи слободно може да се откаже од функцијата и државната плата и
да стои настрана. Нема некоректни новинарски прашања, има само носители на јавни функции кои не се подготвени да и одговорат на јавноста она што е во интерес на граѓаните, па прстот постојано го вперуваат во новинарите правејќи од нив дежурни виновници за лошата состојба во
која е државата, благодарение токму на истите тие носители на јавни функции.

Ваков наратив инициран од премиерот и министерот претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира, но обид и да се одвратат новинарите да се бават со теми кои се од јавен интерес.

Ваквата пракса на непримерна комуникација ја загрозува безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа се поттикнува насилство и цензура во поширок контекст, имајќи ја во предвид содржината на изразот; политичкиот и социјалниот контекст во моментот на изразувањето; намерата на говорникот; улогата и статусот на говорникот во општеството; извештај на којшто изразот се шири или засилува; способноста изразот да донесе до толку последици, вклучувајќи ја и непосредноста на таквите последици; природата и големината на публиката, и карактеристиките на целната група.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) ќе ја извести Светската федерација на новинари за ваквиот некоректен однос на власта и притисокот кон независните и професионални новинари. Воедно, правните тимови на МАН веќе оформија засебни предмети, чија разврска ќе се бара пред надлежен Суд“, се додава во соопштението на МАН.

Слични содржини