Манасиевски: Во април ќе има покачување на платите за околу 14%

„Трендафилов бара зголемување од 50% на минималната плата, за само една година“, замеруваат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов дека бил наместен да седне на позицијата преку потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска. Од партијата тврдат дека Трендафилов и денеска продолжува да работи за СДСМ, а не за интересот на работниците.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски порача дека првиот синдикалец во државата бара зголемување од 50% на минималната плата, за само една година, а, како што вели, изминатите 7 години во времето на владеењето на СДСМ, минималната плата вкупно не се зголеми за 50%.

-Дополнително, ССМ и Трендафилов, не ги слушнавме ниту еднаш да говорат дека во времето на СДС се живееше тешко, со двоцифрена инфлација, со скапи цени по маркетите и со сметки за струја високи до плафон. Тогаш за Трендафилов и ССМ изгледа добро се живеело.

Но, сепак ВМРО-ДПМНЕ е партија која размислува за иднината и доброто на работниците. Единственото моментално решение за зголемување на платите и на минималната плата, а притоа да немаме економска криза, висока инфлација и дупки во буџетите, е зголемување на платите за околу 14% во април годинава, а вкупно околу 40% до 2028 година или во бројка над 10.000 денари би се зголемила платата во администрацијата за само 2 години од денес, кажа, меѓу другото, членот на партијата на Христијан Мицкоски.

Претходно од ССМ појаснија дека утрово во 9 часот го чекале претставникот на Владата да дојде и да ја потпишат Спогодба за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати се зголемуваат за најмалку 6.000 денари.

-Претставникот на Владата не дојде како што го поканивме, бидејќи имаше други приоритети. Со тоа се потврди дека не му е приоритет зголемувањето на работничките плати, ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плат, велат од ССМ.

Оттаму посочуваат дека, добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор.

Од Владата не дојдоа во ССМ за да потпишат зголемување на минималецот, Трендафилов: Приоритети се во прашање, а нивните не се за зголемување на платите

Социјалдемократите веќе поднесоа предлог-закон во Собранието за покачување на минималната плата. Минималните месечни трошоци на четиричлено семејство, во јануари 2026 година, изнесувале над 66.000 денари.

-Тоа значи дека ниту две минимални плати не се доволни да се покријат основните потребни на просечно семејство – коментираат во СДСМ.