ВМРО-ДПМНЕ продолжува со критики и обвиненија против новите кадри во раководството на СДСМ. Според партијата на власт, доказ за тоа дека во СДСМ нема нови лица, ниту пак некакви реформи е Андреј Жерновски. Од партијата велат дека „Жерновски е прелетач од ЛДП во СДСМ на Заев, дојден за функција“.
Според Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Жерновски е неуспешен и скандалозен дипломат.
-Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар“ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС. Центарци го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
На штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем, рекоа од „Белата палата“ на прес-конференција.
Екс-министерката за труд и социјала Јована Тренчевска и кандидатот за градоначалник на Аеродром, ортопедот Александар Трајановски се новите потпретседатели на СДСМ. Александар Саша Димитриевиќ останува генерален секретар, а Љупчо Фармаковски организациски секретар на партијата.
Промени и во извршниот комитет на опозициската партија, каде Дејан Николовски, Јон Фрчковски, Петар Огненовиќ се нови, а, покрај Жерновски, остануваат досегашните членови Симона Цветановска и Рената Младеновска. Новоизбраните кадри во раководството и органите на партијата според лидерот Филипче, се тимот што ќе стави крај на политиките на власта.