За прв пат од 1976 година, англискиот гигант Манчестер Јунајтед нема свој фудбалер во репрезентацијата на Англија.
По долги 48 години, Манчестер Јунајтед бележи отсуство на свои играчи во англиската репрезентација на која редовно и ги обезбедуваше најголемите ѕвезди.
Иако за актуелниот собир за Лигата на нации еден „отпадна“ поради повреда, оваа информација најдобро ги опишува проблемите во кои се наоѓа гигантот од „Олд Трафорд“ по децении најголеми успеси.
Да потсетиме, најголемиот талент на „црвените ѓаволи“, Коби Мајну, стана репрезентативец и доби покана од селекторот Ли Карсли, но поради повреда отпадна од списокот.
Така се случи Јунајтед да нема ниту еден претставник од 1976 година!
Заедно со Мајну, од списокот отпаднаа Езри Конса и Морган Гибс-Вајт, уште двајца повредени играчи во пресрет на натпреварите со Грција и Финска во Лигата на нации. Англичаните во првите две кола забележаа две победи.
Во последните години, иако Јунајтед не игра сјајно, во своите редови имаше неколку стандардни интернационални играчи. Најчесто тоа беа Хари Мегваер, Маркус Рашфорд и Лук Шо, како и дел од играчите кои летово го напуштија „Олд Трафорд“, како Џејдон Санчо.