Раководството на Манчестер Јунајтед одби да им обезбеди бесплатни билети на своите вработени за финалето на Лигата на Европа, иако нивниот ривал во овој натпревар, Тотенхем, вети таков гест за сите свои вработени, објави „Дејли меил“.
И двата англиски клуба добија по 15.000 билети за натпреварот во Билбао, но „црвените ѓаволи“ одлучија целата своја квота да им ја дадат на навивачите на тимот, без да доделат билети за вработените во клубот. Наместо тоа, Јунајтед планира да организира интерна проекција на финалето за своите вработени.
Овој потег доаѓа во услови на уште еден бран мерки за штедење наметнати од новиот сопственик Сер Џим Ратклиф. Од почетокот на неговото владеење, Манчестер Јунајтед веќе отпушти над 450 вработени.
Раководството на „црвените ѓаволи“ нагласи дека приоритет останува обезбедувањето на што е можно повеќе билети за навивачите кои ќе патуваат во Шпанија. Сепак, одлуката наиде на разочарување кај персоналот на клубот, особено во позадина на постапките на Тотенхем. Лондонскиот клуб објави дека ќе обезбеди еден бесплатен билет за сите свои приближно 700 вработени, иако останува нејасно колку од нив ќе можат да си ги дозволат трошоците за патување и престој во Билбао.
Пред финалето на Лигата на Европа, кое ќе се одржи на 22 мај, тимот на Манчестер Јунајтед предводен од Рубен Аморим ќе одигра уште два натпревари во Премиер лигата – против Вест Хем денес и против Челси на 16 мај.