Манчестер Сити го соборува трансфер рекордот за замената на Родри

од Vladimir Zorba
43 прегледи

Манчестер Сити во јануари би можел да донесе сензационална одлука да го замени повредениот Родри. Новиот освојувач на „Златната топка“ поради повреда на коленото е аут до крајот на сезоната, па поради ова од „Етихад“ ја разгледуваат можноста да дадат бомбастична понуда со која би го срушиле нивниот трансфер рекорд. 18-годишниот талент на ПСЖ, Ворен Заир-Емери би требало да го замени Шпанецот на средината на теренот.

Досега во јавноста кружеа различни имиња на играчи како опции за засилување на средниот ред на Манчестер Сити. Меѓу споменатите имиња беа Мартин Субименди од Реал Сосиедад, Едерсон од Аталанта и Тијани Рајндерс од Милан. Сепак, сега се појави нова изненадувачка опција во форма на Заир-Емери, пренесуваат британските медиуми.

18-годишниот талент се проби во првиот тим на ПСЖ уште во 2022 година, а минатата сезона стана важна фигура за парижаните со веќе одиграни 88 натпревари, седум гола и осум асистенции на сметка. Со добрите настапи стигна и до репрезентацијата, дебитирајќи за „триколорите“ во ноември 2023 година, а веќе има шест настапи и еден гол.

Се тврди дека Манчестер Сити е многу импресиониран од квалитетите на младиот фудбалер и во него гледа играч кој допрва треба да го покаже најдоброто од себе. Затоа „граѓаните“ се подготвени да го отворат паричникот и да излезат со бомбастична понуда од 120 милиони евра за неговите права!

Со тоа тие би го надминале својот рекорд за највисока трансфер сума, надминувајќи ги 117-те милиони евра што Астон Вила ги доби за Џек Грилиш во 2021 година.

Слични содржини