Манчестер Сити воопшто не е незадоволен што Килијан Мбапе ќе заврши во Реал Мадрид, бидејќи на англискиот шампион му се закануваше многу мрачно сценарио.
Договорот на францускиот напаѓач истекува на крајот од сезоната, а според сите достапни информации тој ќе потпише за Реал како слободен играч, и тоа без обештетување. Наводно, првичниот договор е одамна договорен и Мбапе од следните сезони ќе игра за „кралскиот клуб“.
Додека траеше сагата за Мбапе, како заинтересирани клубови се споменуваа и англиските гиганти Ливерпул, Манчестер Сити и Јунајтед, но во тој милионски танц победи шпанскиот гигант.
Манчестер Сити воопшто не е незадоволен од ваквиот исход. Имено, Реал се интересираше и за најголемата ѕвезда на „граѓаните“ Ерлинг Халанд доколку не успее да го доведе Мбапе, па сега може да здивнат во англискиот шампион.
Во Сити стравуваа од најлошото можно сценарио, а тоа е Мбапе да заврши во некој од англиските ривали, а Халанд потоа да премине во Реал. Вака најдобриот центарфор на денешницата се уште ќе биде дел од моќната машина на Гвардиола.