262
Агенцијата за филм пак лаже за да го скрие катастрофалниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата и нивното барање директорот кривично да се гони и тоа дека инспекција открила криминал во фирмите блиски на Агенцијата, пишува на својот фејсбук-профил режисерот Милчо Манчевски за актуелните преписки меѓу ДКСК и Бојан Лазаревски, директорот на Агенцијата за филм.
„Најстара стратегија на свет – сврти го вниманието со лаги: Агенција за филм повторно брутално лаже за наводна пресуда на Судот против ‘Банана филм’, за да го скрие фактот дека Антикорупциската комисија побара Владата да го разреши директорот Бојан Лазаревски, а Јавното обвинителство да го гони кривично за незаконско трошење буџетски пари. Главната расправа во Управниот суд во случајот ‘Банана филм’ против Агенција за филм уште не е ни почната. Да потсетиме, ‘Банана филм’ поднесе тужба да се поништи решението на директорот на Агенцијата за филм со кое незаконски ја запре реализацијата на ‘Кајмак’ и на ‘Биста’ (‘Збогум, Копакабано!’) на Милчо Манчевски. Со ова решение на Агенцијата за филм за замрзнување на филмските проекти на Манчевски нарушена е презумпцијата на невиност како врвно и со Устав загарантирано начело. И Министерството за култура констатираше дека оваа одлука на УО е незаконска. Управниот суд донесе времена мерка, со која наложи до крајот на главната расправа да се одмрзнат проектите на Манчевски. Но, Вишиот управен суд сега ја укина таа времена мерка. Така што, постапката за главната расправа во Управниот суд допрва претстои. И ДКСК и Државниот завод за ревизија и Транспаренси интернешнл и Министерството за култура и Венецијанскиот филмски фестивал и Меѓународната асоцијација на филмски критичари и Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа сметаат дека Агенцијата го крши законот“, напиша Манчевски.