
– Блокадата на демократските процеси ќе кулминира за неколку дена. На 15-ти мај престануваат мандатите на градоначалниците и советите. Со тоа што ќе нема ниту функционална локална власт, уште повеќе ќе се усложни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните и Македонија. Потребен е итен, мирен трансфер на власта, со цел Македонија што побрзо да добие функционални институции. Потребен е итен и мирен трансфер на власта, со цел да биде продолжен мандатот на локалните власти и да бидат закажани локални избори – изјави Манчевски.
Според него и јавноста и граѓаните и Иванов, „сите добро, многу добро ги знаат гаранциите на новото парламентарно мнозинство за унитарноста на државата“.
– Всушност, унитарноста и никогаш не беше загрозена, Иванов многу добро го знае тоа. Веднаш кога ќе се создадат условите, час поскоро, повторно, она што веќе го имаме декларирано во програма новата Влада, ќе го повториме и на г-динот Иванов, но навистина крајно време е да го почитува Уставот и веднаш без да чека да го даде мандатот за состав на влада на Зоран Заев – рече Манчевски
Тој одговарајќи на новинарски прашања потенцираше дека ако не денес, тогаш веќе од утре и во наредните денови СДСМ може да му ги достави гаранциите на Иванов за унитарноста на државата. А на прашањето – „што доколку Иванов не го даде мандатот“, рече „кога ќе дојде време и ако тоа се случи, јавноста соодветно ќе биде информирана. Апсолутно сме свесни дека и таква опција веројатно, постои“, беше кажано на прес конференцијата