По информациите дека Финансиската полиција поднела кривична пријава против режисерот Милчо Манчевски и неговата фирма „Банана филм“ за недоставен извештај за потрошени 950.000 евра државни средства, Манчевски реагираше остро. Тој вели дека се работи за организирана хајка преку „проституирани медиуми“ кои со платени и лажни вести се обидуваат да вршат притисок врз институциите и да го прикријат криминалот на неколку филмски работници.
Потсетува дека неговата фирма веќе добила две правосилни судски пресуди во негова корист. Во едниот случај, судот утврдил дека поранешни функционери на Агенцијата за филм, вклучувајќи ја Ана Василевска и Бранко Петровски, дејствувале со судир на интереси и тенденциозно ги попречувале неговите проекти. Во другиот случај, судот пресудил дека Агенцијата незаконски го блокирала филмот „Кајмак“ и наложил да му бидат исплатени средствата со камата.
„Ги фаќа нервоза затоа што кривичните пријави што ние ги поднесовме против нив сега се процесуираат“, порачува Манчевски.