Заменик-министерката за здравство, Маја Манолева синоќа ги коментирала случувањата на Клиниката за токсикологија. Според неа, на Клиниката треба да има двајца директори – еден економски и еден медицински.
„Клиниката треба да има двајца директори и мое лично мислење е дека не треба да функционира без медицински директор. Не се согласувам со начинот на раководење и за ова планирам да ја посетам Клиниката и да предложам именување на медицински директор“, рекла Манолева.
Како што рече заменичката во емисијата „Клик плус“, Владата на седницата пред два дена донела неколку заклучоци за состојбата во хируршките клиники при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Како што наведува Манолева, Владата им укажува на јавните здравствени установи, клиники, Заводот и Ургентниот центар да ја заменат опремата на централната компресорска станица со нова. Исто така, се укажува и на замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица.
Пред три дена, д-р Манолева донесе и наредба универзитетските клиники кои се сместени во зградата на хируршки клиники во Клиничкиот центар операционите сали да отпочнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Министерството за здравство ќе укаже до клиниките да набават надворешни компресори со цел функционирање на установите со итен и елективен програм.