Мапа на Балканот преку цената на кафето: На кое место е Скопје и колку треба да работи еден граѓанин за да си дозволи еспресо?

од Nikola Popovski
55 прегледи

Неизбежното утринско задоволство со шолја кафе станува сè погорчливо, но не поради вкусот, туку поради неговата цена, која се зголемува на светските пазари, а квалитетот не е многу висок. Тој драматичен скок на овој пијалак, без кој денот не можеше да започне со векови, сериозно се заканува да нè оддалечи од оваа навика бидејќи во последните неколку месеци вредноста се дуплираше.

Затоа е логично прашањето, колку чини вашето утро и што кажува цената на шолја кафе за економијата на некои градови во регионот. Со други зборови, дали макроекономијата не само на градот, туку и на земјата може да се гледа преку микроекономијата на локалното кафуле? Некои истражувања покажуваат дека може, бидејќи едноставна шолја еспресо одразува детална економска мапа на регионот, од цената на киријата, даночните оптоварувања, просечните плати, па дури и куповната моќ.

Според српски „Блиц“, таа реалност на цените на кафето функционира како прецизен економски барометар што ја регистрира реалната состојба на локалните економии, разоткривајќи ги нееднаквостите што макроекономските индикатори како БДП честопати ги прикриваат.

Нивното истражување на пазарот на кафе од видот еспресо во шесте главни градови во регионот, Љубљана, Загреб, Белград, Сараево, Подгорица и Скопјe, носи уникатни податоци што ги мапираат не само економските нееднаквости, туку и подлабоките социјални модели, фискалните политики и урбаните феномени што го обликуваат секојдневниот живот на граѓаните на Западен Балкан.

-Љубљана со просечна цена на еспресо од три или повеќе евра е на врвот, по неа следува Загреб со распон од 2,20-3,00 евра, средината ја држат Белград со 1,70-2,40 и Скопје со 1,60, додека Подгорица со 1,50-1,60 и Сараево со едно евро и 20 центи се на дното. Сепак, овие бројки добиваат многу поинакво значење кога се преведуваат како „работно време“, минутите што просечниот граѓанин мора да ги помине на работа за да заработи една шолја, стои во анализата.

Се додава дека додека просечниот граѓанин на Скопје мора да работи 20 минути за еспресо, жителот на Подгорица издвојува само 14 минути од својата работа, иако цената во главниот град на Црна Гора е само малку пониска отколку во главниот град на Македонија. Оваа анализа на „минути работа за кафе“ дава многу подобар увид во реалната прифатливост на овој пијалок отколку само номиналната цена.