Мареј: Се приклучувам на тимот на Новак Ѓоковиќ

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Поранешниот лидер во светската АТП листа, Енди Мареј ќе биде нов тренер на Србинот Новак Ѓоковиќ.

37-годишниот Мареј најави повлекување од тенисот на Олимписките игри во Париз оваа година, а од почетокот на 2025 година ќе ги здружи силите со 37-годишниот Ѓоковиќ, со кого речиси две децении се натпреваруваа за титули на најголемите светски турнири.

„Воодушевен сум што еден од моите најголеми ривали доаѓа на мојата страна од мрежата за да ми биде тренер“, рече Ѓоковиќ.

„Со нетрпение го очекувам почетокот на новата сезона и да се натпреварувам во Австралија заедно со Енди, со кого споделив многу извонредни моменти токму на австралиско тло“, додаде Србинот, кој има рекордни 24 гренд слем титули.

„Се приклучувам на тимот на Новак за да му помогнам да се подготви за Австралија опен. Возбуден сум што ќе бидам со Новак и ќе се обидам да му помогнам да ги постигне своите цели“, додаде Мареј, кој има три титули од Гренд слем турнирите.

Како ривали на највисоко ниво, Ѓоковиќ и Мареј имаат 36 натпревари меѓу кои Србинот води со 25:11. Ова вклучува рекорд од 11-8 во финалињата, како и рекорд од 8-2 во натпреварите за Гренд слем трофеи.

Само на Австралија опен, двајцата имаат четири финалиња – во 2011, 2013, 2015 и 2016 година, а сите четири завршија со успех за актуелниот олимписки шампион.

Следниот Австралија опен ќе започне на 12 јануари.

Слични содржини