Фудбалерите на Манчестер Сити се пласираа во финалето на Лигата на шампионите откако во вториот натпревар од полуфиналето го совладаа ПСЖ со 2-0.
ПСЖ влезе во натпреварот без Килијан Мбапе во почетниот состав, но сепак започнаа офанзивно. По седум минути игра можеше да биде 1:0, откако топката го погоди Зинченко по нафрлувањето. Судијата Кајперс најпрво покажа пенал, но по ВАР-прегледот, тој го поништи оправдано, со оглед на тоа што топката го погоди Украинецот во рамото.
Четири минути подоцна, дегажманот на Едерсон и додавањето на Зинченко до Де Брујн резултираа со удар, кој беше блокиран, но Марез брилијантно ја следеше акцијата и ја испрати топката под нозете на Навас во мрежата.
Гостите се обидоа да стигнат до израмнување, но не успеаја сериозно да му се заканат на Едерсон до крајот на првото полувреме, освен можноста што се случи малку по водечкиот гол, кога Маркињос ја погоди надворешната страна на гредата по ударот со глава.
ПСЖ немаше удар во рамките на голот во текот на првите 45 минути, но ја имаше иницијативата, која ја продолжи и во второто полувреме, но немаше опасност за голот во противничката мрежа.
Од друга страна, Фоден го искористи вишокот простор во 63-та минута, помина по левата страна, центрираше до Марез кој го постигна својот втор гол и влезе во историјата на алжирскиот фудбал како најдобар стрелец на оваа земја во нокаут-фазата од Лигата на шампионите.
Кој ќе му биде противник на Манчестер сити во Истанбул на 29 мај ќе биде познато утре во Лондон на „Стемфорд Бриџ“, каде Челси го пречекува најтрофејниот клуб Реал Мадрид со активен резултат и ремито 1-1 од првиот меч во шпанската престолнина минатата недела.