Не стивнуваат реакциите откако во Градскиот парк започна асфалтирањето на дел од земјените, пешачки патеки. Се огласија и од платформата за македонска архитектура „МАРХ“, од каде појаснија дека зачудува неразбирањето на дизајнот на овој простор.
-Патеката од песок околу малиот лавиринт не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за „ролери“. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде, велат од „МАРХ“.
Според нив, просторниот дизајн на овој дел од паркот, кој е планиран во еден потег со некогашниот Кермес го формираа тој амбиент.
-Градската кафеана била паралела на летните палати сместени во длабочините на дворските градини, каде одморате по долгите прошетки, стои во реакцијата.
Од Градот информираа дека со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк.
-Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.