Мислам дека сите политички партии се соочени со одговорноста за продолжување на патот кон ЕУ. Ние сме свесни дека ова е неправедно и дека не е идеален францускиот предлог. Така свесни и го предложивме во Собранието. Свесни сме и дека направивме премногу отстапки досега. Но исто така сме свесни дека по првпат имаме реална шанса да ги завршиме преговорите, односно да продолжиме понатаму и да го направиме тоа што не успеавме 17 години. Да ги завршиме преговорите и да станеме членка. Тоа е реална можност. Не е веќе само теоретска шанса, туку имаме реална можност и треба да ја искористиме, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ за „Топ тема“ на ТВ Телма.
-Ние можеме да одлучиме дека ќе ги направиме уставните измени и за две години, и за три години и за пет години. Впрочем тоа беше и тема на дебата, на дискусија во текот на преговорите околу францускиот предлог. Нам ни одговараше сигурно да имаме повеќе време, или тоа да го направиме кон крајот на преговорите. Но, тоа не можеше како план да помине ниту во Бугарија, ниту генерално да биде прифатено. Затоа сме во оваа ситуација сега, оцени Маричиќ.