Маричиќ: Да не дозволиме, после 17 години поминати во чекалната на ЕУ, да се однесуваме неодговорно

од Stefanija Kuzmanovska
149 прегледи

Ова е време кога треба да ги надминеме тесно-партиските интереси, и да не дозволиме, после 17 години поминати во чекалната на ЕУ, да се однесуваме неодговорно и да се доведеме во ситуација домашен политички фактор да биде кочница и да ја блокира државата на патот кон ЕУ. Имавме динамична и година со многу предизвици и неизвесност, како дома така и на меѓународен план. НО, 2022 беше и успешна година. Година во која направивме историски исчекор во евроинтеграциите, ги започнавме преговорите со Европската унија и ја поставивме земјата на експресниот пат на реформи и трансформација, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ – „Перспективи 2023“.

„Немавме право во време на турбуленции и безбедносни предизвици да ја ставаме под знак прашалник европска перспектива на земјата. Со Францускиот предлог и неговото усвојување од страна на парламентарното мнозинство, успеавме на европски начин, да најдеме решение за разликите и отворените прашања со Бугарија и после 17 години чекање официјално да го започнеме процесот на преговори со ЕУ“, вели Маричиќ.

Додава дека последниве години покажаа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите.

„Цел изминат период бевме фокусирани на резултати во областа на правосудството, борбата против корупцијата, подобрувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување. Застанавме одговорно пред овие прашања кои беа со забелешки и во Извештајот на Европската комисија за 2022 година и ги актуализиравме со цел поинтензивно да продолжат реформите и напредокот во најважните поглавја во преговорите со ЕУ“, наведе тој.

Маричиќ нагласи дека добивањето позитивен годишен Извештај за 2022, ја потврди посветеноста на Владата на реформската агенда. Но, додава, дека мора сите да знаеме дека пред нас е еден сложен и тешок процес кој бара да биде поддржан од сите општествени чинители, особено од политичките фактори. Процес во кој имаме уште многу работа и уште многу задачи и обврски за исполнување и достигнување на европските стандарди и прописи.

Вицепремиерот за европски прашања вели дека веќе е потврден европскиот пат на Северна Македонија, и дека сега треба сите заедно да го задржиме стабилен. Тој додава дека за тоа ни е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на Северна Македонија во следните 10 години.

Слични содржини