Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ информира дека нема да присуствува на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
-Нема одам јас, ниту владина делегација, ниту делегација на СДСМ. Мислам дека имаме зацртано пат за отворање на официјален културен центар во Благоевград и ќе го тераме тој институционален пат и тогаш кога ќе се отвори тој клуб, ќе бидеме сите таму. Ова во недела е приватна иницијатива, секој има право, не е никаков проблем, рече Маричиќ во емисијата „Студио 10“.
Тој појасни дека се уште немаат информација кој стои позади иницијативата во Благоевград и кој е нејзината цел.
-Сметам дека е подобро преку институциите да ги водиме работите. Ние веќе имаме официјален центар во Софија и да направиме таков во Благоевград. Вчера излегоа некои информации и доколку е истата иницијатива, да не забораваме дека таа беше структура која што беше жестоко против референдумот во 2018 и против Преспанскиот договор. Секој има право да си прави приватна иницијатива, но не сме ние должни да присуствуваме на секоја иницијатива. Вапцаров е ценет уметник и книжевник и не може да се спореди со цар Борис или Ванчо Михајлов, рече Маричиќ околу организаторите на отворањето на македонскиот клуб во Бугарија.