Во Брисел денес започна дводневниот билатерален скрининг за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права”, на кој заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, рече дека континуирано расте напредокот во правосудството, што е потврдено и последниот Извештај на ЕК за 2022.
– Имаме постигнато доволно добро ниво, а сега мораме да ги забрзаме реформите кои ќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Но, има уште многу што да се направи. Приоритет на македонската администрација и правосудни органи мора да остане исполнувањето на обврските во оваа област со цел задржување на динамиката и напредокот во преговорите. Скринингот и текот на преговорите очекуваме да дадат брзи мерливи резултати кои квалитативно ќе се одразат на целиот процес и на целокупниот општествен амбиент, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.
Од страна на претставниците на Европската комисија на почетокот на состанокот беше кажано дека очигледен е напредокот и посветеноста на реформите во правосудството, што е нотирано и во годишниот Извештај за 2022 година, но дека не е сè направено и мора уште да се работи.
Експертите посочија дека нема сомнеж дека Северна Македонија има значајно подобрување во оваа област и ја истакнаа проактивноста на Државната комисија за спречување на корупција. Тие додадоа дека сме добар пример за мултиетничко општество, а потенцираа дека мора да продолжиме во обезбедувањето на основните права, заштитата на малцинствата.
На билатералниот скрининг за Поглавјето 23 учествуваат над четириесет претставници од државните институции кои презентираат и одговараат на прашањата од експертите на Европската комисија во четири тематски целини: судски реформи, антикорупциска политика, фундаментални права и права на граѓаните на ЕУ.
Одговорна институција за Поглавјето 23 е Министерството за правда, а координаторка на преговарачката група е Фросина Тасевска, државен советник за ЕУ интеграции.
антикорупциската политика и фундаменталните права, од денот акцентот беше ставен на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и сл.
Македонскиот преговарачки тим презентираше на две теми: Антикорупција и фундаментални права, со акцент на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и сл. Презентирањето за фундаментални права, ги опфати прашањата поврзани со правната рамка на фундаменталните права, понатаму правата на слободно изразување и религија, мерки за борба против расизмот и ксенофобијата, говорот на омраза и злосторство од омраза, правата на детето, недискриминација – расна или етничка дискриминација, вклучително и права и дискриминација на Роми, дискриминација против ЛГБТ заедницата, родова еднаквост и насилство врз жените, слобода на изразување, вклучувајќи ja слободата на медиумите и плурализам и права на лицата со попреченост.
Утре билатералниот скрининг за поглавје 23 продолжува со темата фундаментални права и судство, известуваат од Секретаријатот за европски прашања.