Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, е дел од македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува во Тирана. Маричиќ од Тирана вели дека одржувањето на Самитот на ЕУ со земјите од Западен Балкан, во земја преговарач со Унијата, е позитивен сигнал за регионот и потврда за нашата европска перспектива.
Тој додава дека денешното потпишување на заедничката декларација на телеком операторите на ЕУ и на Западен Балкан со што ќе поевтинат цените на роамингот всушност е директен механизам за интензивирање на конекциите и комуникациите меѓу граѓаните од Западен Балкан и граѓаните од ЕУ, а сигурно ќе има позитивен ефект и врз мобилноста на граѓаните, во двата правци.
„Од 2023 година се намалуваат трошоците за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан, за потоа и целосно да се отстранат. Ги зајакнуваме односите со ЕУ и ја движиме Северна Македонија во вистинска насока, а граѓаните почнуваат да ги чувствуваат резултатите. Потпишувањето на заедничката декларација на телеком операторите на ЕУ и на Западен Балкан оператори, пред почетокот на Самитот на ЕУ-Западен Балкан, доаѓа после една и пол година од успешната имплементација на Регионалниот договор, со кој се елиминираа трошоците за роаминг во рамките на Западен Балкан“, пишува на Фејсбук-профилот на Марилиќ, најавувајќи дека покрај бројните заеднички теми кои ги имаат државите од Западен Балкан со ЕУ, сепак во фокусот ќе биде евроинтеграцијата на регионот и политиката на проширување на ЕУ.
На маргините на Самитот, Маричиќ со премиерот Ковачевски имаа средба со високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседателот на Европската Комисија – Жозеп Борел, на која е потврдено дека обединувањето на Западен Балкан во европското семејство останува геополитички приоритет на Унијата.
Лидерите од ЕУ и Западен Балкан ќе одржат две пленарни сесии на кои ќе разговараат за европската перспектива и политиката на проширувањето на ЕУ, заедничките предизвици во областа на миграцијата, сајбер криминалот, а во фокусот ќе бидат и последиците од војната во Украина и надминување на енергетската криза.