На сите верници од православна вероисповед им го честитам денешниот православен празник Богојавление – Водици. Денешниот празник кој е еден од главните празници во Православното христијанство, е голем доказ за тоа колку духот е посилен од телото и дека нема пречка што не може да ја надмине човек кој има цврста вера и е убеден во вредноста на она што го работи. Бидејќи токму преку нашиот труд, надеж, љубов достигнуваме нови успеси, сплотени заедно како едно, напиша вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на својот профил на Фејсбук.
„Сите кои денеска се дел од Богојавленското капење се победници, затоа што со својот пример покажуваат истрајност, храброст, но и обединетост во верата и радоста на празникот, а со тоа го зајакнуваат чувството на припадност и заедништво.
Богојавленски водосвет како чин кој е проткаен со сеќавање на крштението, не се гледа само како таинствено очистување на гревовите, туку и како осветување на суштината на сѐ што дава живот. Преку возобновувањето на целиот свет, да се возобновиме и ние во подобри луѓе за подобар живот.
Ви посакувам благословот на празникот да внесе кај вас непрекинато здравје, најубави моменти на радост и среќа во животот на сите и успеси за подобра иднина за нас и за идните генерации.
БОГ СЕ ЈАВИ. За многу години.
Посебни честитки за здравје, успех и среќа за Игор Василевиќ кој го фати крстот во Велес, откако беа осветени водите од страна на клирот на Повардарска епархија“, стои во објавата на Маричиќ.