Собранието следната година ќе има можност да го обезбеди континуитетот на процесот на преговори со Унијата и да ја осигури европската перспектива на државата, објави синоќа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој вчера присуствуваше на последната собраниска седница за годинава, на која Владата одговараше на прашањата кои се во интерес на граѓаните, поврзани со менаџирањето на економската и енергетската криза и активните мерки кои ги презема за зачувување на стандардот на граѓаните.
-Годинава, во Собранието, направивме историски чекот во евроинтеграциите со усвојувањето на Францускиот предлог и отворањето на преговорите со Европската Унија. Следната година Собранието и народните избраници ќе треба да понесат дел од товарот кој го наметнува процесот на преговори во завршувањето на уставните измени, усогласувањето со законите на ЕУ и спроведувањето на реформите. Тие се клучни за продолжување по европскиот пат и неговата динамика, порача Маричиќ во својата објава на социјалните мрежи.