Маричиќ во Брисел, започнува објаснувачкиот скрининг за Кластер 4

од Nikola Popovski
126 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Брисел ќе го отвори објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавје 21 и 14: „Трансевропски мрежи” и „Транспортна политика”, од Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност”.

На отворањето на Кластерот 4, ќе бидат присутни и 15 новинари кои беа дел од проектот „Нордиска поддршка за напредок во Северна Македонија” за подобрување на комуникација за процесот на пристапување во ЕУ, вредностите и придобивките на истиот. Проектот е во заедничка соработка на Секретаријатот за европски прашања поддржан од Владата на Шведска.

Новинарите во Брисел ќе имаат средба со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Микела Матуела, како и со советниците за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Сајмон Мордју и Маја Коцијанчиќ.

Во просториите на Постојана мисија на Република Северна Македонија при Европска Унија во Брисел новинарите ќе имаат брифинг со вицепремиерот Маричиќ, а ќе се сретнат и со Шефот на Мисијата, Амбасадорот Зулфи Исмаили.

Во Кластерот 4 спаѓаат Поглавјата 14, „Транспортна политика”, 15, „Енергетика”, 21 „Трансевропска мрежа” и Поглавјето 27, „Животна средина и климатски промени”, за кои во периодот од 15-ти до 20-ти март Европската комисија ќе го презентира на македонскиот преговарачки тим новиот корпус на европското законодавство, донесено во периодот по 2018/19 година.

Утре продолжува Поглавјето 21, заедно со Поглавјето 15, „Енергетика”.

Слични содржини