Маричиќ демантира дека се вакцинирал: Милошоски е познат како генератор и ревносен ширач на лажни вести

од Берта Китинска
223 прегледи

Министерот за правда Бојан Маричиќ ја демантираше информацијата откако во јавноста утрово беше објавено  дека тој, заедно со министерката за образование Мила Царовска и вицепремиерот Артан Груби, наводно обезбедиле ВИП вакцинација преку ред.

„Категорично демантирам дека јас или било кој член од моето семејство има примено вакцина. Дополнителна потврда дека се работи за целосна измислица е фактот дека информацијата ја сподели Антонио Милошоски, кој во македонското општество е познат како генератор и ревносен ширач на лажни вести, човекот кој е ретко успешен колекционер на деманти. Не би ме изненадило Милошоски и да е ‘бриферот‘ дека наводно јас и членови на Владата сме се вакцинирале преку ред. Ваквите удари секако нема да ме поколебаат од намерата правдата целосно да завладее во нашата земја, а сите оние кои го прекршиле законот да одговараат. Комплетно е јасно дека целта на ваквите дезинформации е само да ми се наруши честа и угледот“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Од Владата  исто така утрово објавија  демант за информацијата која ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

„Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање министри! Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата“, стои во објавата на официјалниот Твитер профил на портпаролот на Влада.

Информацијата ја демантираше и министерката за образование и наука, Мила Царовска.

„Пратеникот Антонио Милошоски, кој се етаблираше како главен извор на лажни вести, повторно споделува лаги. Во целост ги демантирам информациите дека сум се вакцинирала, не ми паѓа на памет да ја злоупотребам позицијата. Барам Милошоски итно да се извини за лагата, освен манипулации друго од опозицијата не може да се очекува“, напиша Царовска на својот Фејсбук профил.

 

 

Слични содржини