„Згрозен сум од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши мојот и угледот на мојата фамилија. Несфатливо е како во 2021 година сè уште во јавноста, без трошка совест и одговорност се објавуваат вакви наслови“, објави министерот за правда, Бојан Маричиќ, откако дел од медиумите блиски до опозицијата објавија текст со наслов „Таткото на Бојан Маричиќ сликан гордо со статуата на Хитлер и книгата Мојата борба“.
Според министерот, тој и целата негова фамилија, единствено се горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, „а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор“.