Намалени судски такси, нова методологија, закон за попис и предлог за зголемување на казните за загадувачите, се дел од работите кои ги наведе министерот за правда Бојан Маричиќ, правејќи пресек од првите 100 дена од работата како министер за правда.
Тој на денешната прес-конференција испрати порака дека сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно ги одложувале или нестручно постапувале треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем.
Маричиќ уште еднаш ја поздрави вчерашната одлука на Судскиот совет, кој разреши двајца судии од Основниот суд Охрид поради нестручно работење и рече ова е добар почеток на процесот за филтрација на правосудството.
„ Филтрацијата во судството започна. Ја поздравувам последната одлука на Судскиот совет за разрешување судии кои ја попречувале правдата Доколку разрешената судијка мисли дека неправедно е разрешена има механизми како да се жали, а институциите ќе го кажат своето мислење. Затоа што разрешувањето е крајната форма на одговорност, штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, но затоа постојат механизми за жалба, сепак тоа е работа на системот воспоставен од судскиот совет и верувам дека овој случај ќе се расчисти до крај, како и сите идни случаи“, изајви Маричиќ.