Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, најостро го осуди палењето на влезот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола. Според Маричиќ, ова претставува директен напад на односите кои ги градиме и дијалогот кој го водиме со соседна Бугарија.
„Изразувам жалење за денешниот инцидент во Битола. Палењето на влезот на здружението ‘Иван Михајлов’ е директен напад на односите кои ги градиме и дијалогот кој го водиме со соседна Бугарија.
Провокациите не носат добро никому, само ги разгоруваат националните емоции кај граѓаните од двете држави, кои штетат на соработката и добрососедските односи.
Најостро го осудувам ваквиот вандалски чин и убеден сум дека овие мали провокации нема да ги победат искрената заложба и досегашниот труд кои ги вложивме во враќање на дијалогот со Бугарија и враќање во нормала односите помеѓу двата народа.
Верувам во работата на надлежните институции и очекувам брз епилог и адекватна казна за сторителот/сторителите“, стои на Фејсбук профилот на вицепремиерот Маричиќ.