Со германската амбасадорка Анке Холштајн на денешната средба разменивме мислења за новиот начин на пристап кон решавањето на отворените прашања со Бугарија, за кој се согласивме дека ветува позитивен исход и дава нова вредност во нашата заложба за пристапување кон Европската Унија, соопшти денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ после средбата со амбасадорката.
-Посетата на германската министерка за Европа, Ана Лирман, на првиот ден на новата Влада, ја потврди позицијата на СР Германија кон евроинтеграцијата на нашата земја и Западен Балкан. Сега наша обврска е и понатаму да продолжиме со континуирано реализирање на реформската агенда и да работиме на решавање на отворените прашања со Бугарија на еден добрососедски, транспарентен и инклузивен начин, истакнал на средбата Маричиќ.
Амбасадорката Холштајн на средбата потврдила дека СР Германија останува силен поддржувач и стратешки партнер на земјава во процесот на евроинтеграциите и буден надгледувач на напредокот во спроведување на реформите.