Министерството за правда ја почна постапката за изготвување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат заштитени новинарите и медиумските работници на повисоко ниво, го потенцираше ова министерот Бојан Маричиќ, кој имаше свое обраќање на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.
Новинарската фела, здруженијата, ЗНМ, како и синдикатот, како што посочи Маричиќ се вклучени во составувањето на квалитетен текст на законот.
„Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите, ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние кои ќе се обидат да ги заплашуваат или пак физички или вербално да нападнат новинари, односно медиумски работници, ригорозно да се казнуваат“, потенцираше Маричиќ во овој дел.
Министерот посочи и дека во овој контекст на измени, предложени се одредени кривични дела од потежок облик, доколку делото опфаќа момент во кој е оштетен новинарот. Казните и санкциите во иднина, Маричиќ потенцира дека ќе бидат построги.
„Сакам уште еднаш јавно да ги повикам новинарите, претставени преку нивните синдикати и здруженија да ги продолжиме разговорите со цел да се донесат што поквалитетни закони кои ќе ја гарантираат нивната безбедност и слободна работа“, истакна министерот.
Сепак, Маричиќ на крајот посочи и дека очекува и е потребно несомнено поефикасно постапување од страна на институциите кои се надлежни за истражување и санкционирање.