Министерот за правда Бојан Маричиќ оствари средба со Јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Спроведувањето на Законот за Јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители беа главната тема на дискусија на денешната средба.
На средбата се разговараше за потребите на Јавното обвинителство и зајакнување на кадровските капацитети што би довело до подобрување на ефикасноста во постапувањето по предметите.
Министерот Маричиќ истакна дека придобивките од новиот Закон за Јавното обвинителство се веќе видливи, алудирајќи на започнатата постапка за избор на пет нови обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Министерот Маричиќ потенцираше дека кадровското зајакнување со стручни соработници за секој јавен обвинител ќе биде вистински ветар во грб и ќе овозможи поефикасна борба против корупцијата, како еден од најгорливите проблеми на нашето општество и истакна дека очекува беспоштедна борба против криминалот и корупцијата.
Воедно, тема на разговор беше и донесувањето на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за Јавното обвинителство, а кои се мошне значајни и се однесуваат на постапката и критериумите за оценување на обвинителите.