Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес имаше средба со Министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо, на која разговараа за отворањето на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и предизвиците кои ја очекуваат земјава во претстојниот период.
Португалија е земја која апсолутно и недвосмислено нè поддржува на европскиот пат, уште од самиот почеток. Пред нас се многу предизвици, безбедносна, енергетска и економска, но и секоја друга криза што сега имаме можност заедно да ја решаваме со нашите партнери во Унијата. Затоа е важно Северна Македонија цврсто да чекори на европскиот пат, рече вицепремиерот Маричиќ на средбата.
Соговорниците имаат исти став дека на 19 јули се случи историски исчекор во нашиот евроинтеграциски процес, со одржувањето на првата Меѓувладина седница и отпочнувањето на скрининг процесот, што е од големо значење и за ЕУ и за регионот.
– Во наредниот период остануваме посветени на одржување на позитивното портфолио – како што е потврдено во најновите извештаи на ЕК за земјите, но и во меѓународни рангирања како што се ГРЕКО, Фридом Хаус, Транспаренси Интернешнел и други, рече Маричиќ, додавајќи дека нивото на транспонирање на правото на ЕУ сега изнесува 45%.
– Нашите напори за обезбедување непречено одвивање на преговарачкиот процес во сите негови аспекти ќе ги насочиме преку ревизија на преговарачката структура, изнаоѓање модел за учество на граѓанското општество во процесот, дополнително ќе ги зголемиме нашите капацитети за преведување на правото на ЕУ на македонски јазик во наредниот период – вклучително и лингвистичка, стручна и правна ревизија и верификација на преведените акти на ЕУ, а предвидено е и создавање механизми за транспарентна и навремена комуникација со нашите граѓани, истакна вицепремиерот Маричиќ
На состанокот Маричиќ и Кравињо разговараа за унапредување и продлабочување на билатералната соработка во пристапниот процес, споделување искуства и добри практики од страна на Португалија во процесот на водење преговори и беше потврдено дека Португалија останува силен поддржувач за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.
Ова е прва официјална посета на земјава на министерот за надоворешни работи на Португалија, Н.Е. г. Жоао Гомес Кравињо, во чии рамки оствари средби и со неговиот хомолог, Османи, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претседателот на државата, Стево Пендаровски.