Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитка по повод одлуката на Српската Православна Црква за прифаќање на афтокефалноста на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.
Маричиќ наведува дека на денот кога ги славиме светите браќа Кирил и Методиј, се потврди вековната вистина на нашиот македонски народ.
-После 55 години, сплотеноста е повторно онаа која ни дава мир и сила за да продолжиме напред. Со денешната радосна вест се прекршува долгогодишната изолација со која се соочуваше Република Северна Македонија. Со денешното радосно решение, МПЦ – Охридска архиепископија станува неискоренлив дел во евхаристиското служење, општење и причестување со својата јерархија, клирот и народот, во големото трло на Православието. Со денешната вистина, се потврди автокефалноста на МПЦ – ОА. Негувањето на политиките на добрососедство и меѓусебното почитување носат решенија, единство и просперитетна иднина. Имаме на што да сме горди, сега е време за радување, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Признанието денеска го објави српскиот патријарх Порфириј, кој во Скопје служеше литургија со поглаварот на македонската црква г. г. Стефан по повод одбележувањето на денот на Светите Кирил и Методиј.
МПЦ на 12 јуни ќе добие канонски статус од Вселенската патријаршија кога се очекува и одлука за автокефалност.