Маричиќ: Преку дигитализација до модернизација и зголемена ефикасност на судовите

од Берта Китинска
155 прегледи

Министерот за правда Бојан Маричиќ за време работната посета на Кавадарци го посети Основниот суд во градот, кој е прв во земјава каде што се одржа целосно онлајн судење.

Во изјавата за медиумите тој кажа дека целосната дигитализација на судовите може да донесе нивна модернизација и зголемена ефикасност во постапките. Тој му честиташе на претседателот на судот Лазар Нанев, за пионерскиот чекор кој служи како пример и мотив дека овој процес треба да продолжи на републичко ниво.

Судот во Кавадарци треба да биде мотив, пример и инспирација за сите судови во државата да тргнат на патот на модернизацијата, на патот на што поголема ефикасност и подобар квалитет на испорачување на правдата и патот на доследно спроведување на законот и заштита на странките во постапките така како што бараат современите европски стандарди. Би сакале да го означиме на овој начин процесот на дигитализација на која работиме подолго време. Продолжуваме после оваа посета да работиме уште повеќе и да го промовираме процесот на дигитализација на судовите во Северна Македонија. ЕУ дава поддршка на процесот на дигитализацијата на судовите, следува дигитализација на повеќе судови низ државата, а за тоа правиме и законски претпоставки за ова да профункционира насекаде низ државата, потенцираше министерот.

Маричиќ, најави дека набрзо ќе се донесе и новиот Закон за парнична постапка, каде меѓу другото ќе се регулираат и онлајн судењата. На тој начин ќе се обезбеди нормален тек на постапките и во услови на пандемија.

 

Слични содржини