Маричиќ: Придобивките од Преспа ги гледаме на дело, Грција лобира за нас

од Берта Китинска
209 прегледи

Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во утринското гостување на Канал 5.

Тој додаде дека двајцата нови премири во Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.

-Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За останатите прашања, кои се од грижа на Бугарија ние сме подготвени да разговараме, нагласи Маричиќ.

Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.
Во однос на Грција, Маричиќ потенцира дека веќе бележиме зголемена трговија, повеќе патувања и поголема соработка.

-На дело се гледа придобивката од Договорот од Преспа. Грција од 2019 лобира за нас. Ако ги следиме дискусиите во Брисел, тие постојано ја промовираат нашата евроинтеграција и притискаат да почнеме преговори. Токму и тоа е суштината на Договорот. Очекувам истото да го прави и Бугарија откако ќе ги затвориме отворените прашања и ќе продолжиме како пријатели. Мислам дека е најдобро преку конкретни чекори да согледаме која е придобивката од затворањето на отворените прашања со соседите. Сите останати алтернативи, освен ЕУ, се полоши за државата и дека евроинтеграциите се стратешка цел на земјата уште од нејзиното формирање, смета вицепремиерот.